edufront-blog-digitalna-pismenost-na-decata

Дигитална писменост на децата – што треба да знаеме како родители

Што е дигитална писменост?

Дигиталната писменост е сè поголем дел од секој пристап кон развој на вештини. Дигитална писменост, исто така влегува и во рамката на УНИЦЕФ чијашто цел е да ги подготви децата и адолесцентите за образование, работа и живот. Покрај дигиталната писменост, други меѓусебно поврзани вештини се: основни вештини (писменост и математика), животни вештини (вештини на 21 век или меки вештини) и вештини специфични за работа (технички и стручни вештини).

Дигиталната писменост сѐ повеќе се препознава и признава како централен дел од вештините коишто им се потребни на децата за да бидат успешни во учењето, работата и животот воопшто. Родителите како први едукатори на децата, насочувачи и поттикнувачи на едукацијата и напредокот на своите деца треба точно да знаат што значи децата да бидат дигитално писмени.

Дигитална писменост не значи само техничко знаење за дигиталните техники, процеси и технологии туку таа ги надминува овие знаења и опфаќа поширок опсег на способности. Дигитална писменост се однесува на знаења, вештини и ставови коишто им овозможуваат на децата истовремено да бидат безбедни и да имаат моќ во дигиталниот свет. Сето ова опфаќа и се однесува на: нивната игра, дружење, пребарување и учење преку дигитални технологии. До кој степен треба да биде усвоена дигиталната писменост ќе зависи од возраста на децата, локалната култура и контекстот во кој се разгледува.

Што можете да направите како родител за дигитална писменост на вашите деца?

Една од најважните вештини на која може да ги научите вашите деца е дигиталната етика. Покажете им како одговорно да ја користат технологијата. Бидете сигурни дека тие ги разбираат вашите онлајн правила и упатства за безбедност. Дајте им до знаење дека исто како и во секојдневието така и во онлајн комуникацијата треба да се однесуваат со почит и дека треба да ги третираат другите онака како што сакаат да бидат третирани. Еден начин на кој можат да го направат тоа е да го почитуваат правото на приватност на сите. Тоа значи дека не треба да споделуваат информации, слики или видеа за друго лице без нивна дозвола. Исто така треба да ја почитуваат работата што другите луѓе ја делат онлајн, односно дека симнувањето содржини (музика, видеа, документи и др.) без дозвола не е прифатливо. Поставете некои општи упатства за да ги заштитите вашите деца од сајбер-малтретирање. Придржувајте се кон утврдените правила за дозволена возраст за креирање на сметки на социјални мрежи или онлајн платформи и нивно користење. Потоа креирајте и свои сопствени правила.

Како родители и вие треба да ги подобрите вашите дигитални вештини. Пред да почнете да ги учите вашите деца за правилна употреба на технологијата погледнете како вие ја користите технологијата. Исто така осврнете се на вашите сопствени однесувања на интернет: колку време поминувате онлајн, колку и кои социјални медиуми користите, за што ги користите социјалните медиуми, какво е вашето однесување. Ако сакате вашите деца да следат одреден стандард, бидете сигурни дека и вие го следите тој стандард. Бидете пример кој треба да го следи вашето дете.

Иако новата технологија може да биде страшна или збунувачка за вас како родител, треба да им дозволите на вашите деца да експериментираат со неа. Секако ова треба да се прави кога тие се под ваш надзор. Дозволете им на децата да експериментираат со онлајн алатки. Само на тој начин ќе ја научат нивната примена, ќе откриваат нови опции и функционалности. Ќе се изненадите колку децата се поинтуитивни во нивната примена, а нивната природна љубопитност ги прави поинвентивни и поиновативни од возрасните.

Тие не само што треба да разберат дека имаат одговорност да се однесуваат соодветно на интернет, туку и треба да разберат како можат да ја користат технологијата за сопствена корист и општо добро. Технологијата не е само алатка за објавување на слики, гледање видеа и играње на видео игри туку е многу корисна алатка со која може да се олеснат многу процеси: полесно да се учи, да им помогне да се запишат на посакуваниот факултет или да се најде посакуваната работа.

Сето ова треба да ги едуцира децата и да ги поттикне да стекнуваат вештини и сознанија кои им се потребни за навигација низ светот денес.