edufront-blog-vizuelni-programski-jazici

Визуелни програмски јазици

Визуелените програмски јазици (Visual Programming Language – VLP) се секој програмски јазик што им овозможува на корисниците да креираат програми со графичкo манипулирање со елементи на програмата, наместо со нивно текстуално специфицирање. Секој визуелен програмски јазик има своја просторна граматика за конструкција на програмата. Овие јазици може да се поделат на: јазици засновани на икони, јазици засновани на форми и дијаграмски јазици.

Програмирање во визуелни програмски јазици

Општата цел на визуелните програмски јазици е да го направат програмирањето подостапно за почетниците и да ги поддржат програмерите на три различни нивоа: синтакса, семантика и прагматика. Во однос на синтаксата користењето на блокови, форми и дијаграми придонесува за намалување па дури и целосно отстранување на синтаксичките грешки. Исто така се овоозможува да се создадат добро формирани програми. Во оснос на семантиката, визуелниот програмски јазик може да обезбеди некои механизми за откривање на значењето на примитивните програми. Ова може да вклучува функции за помош што обезбедуваат функции за документација вградени во програмските јазици. Од страна на прагматичност визуелните програмски јазици го поддржуваат проучувањето на програмите и нивното значење во одредени ситуации. На пример: Во AgentSheets или AgentCubes корисниците можат да постават игри или симулации во одредена состојба со цел да видат како реагира програмата.

Програмски јазик Scratch

Scratch е визуелен програмски јазик базиран на визуелни блокови за програмирање. Scratch е креиран и развиен од Massachusetts Institute of Technology (MIT) Media Laboratory. Проектот Scratch започна во 2003 година, а софтверот Scratch и веб страницата www.scratch.mit.edu се јавно пуштени во 2007 година. Веб страницата нуди социјален контекс на нејзините корисници дозволувајќи им да ги споделуваат своите изработени проекти, да даваат фидбек на другите и да добиваат фидбек од другите корисници, како и да учат со истражување и ремиксирање на споделените проекти. Преведен е на повеќе од 70 јазици и се користи во разни делови на светот. Од јануари 2021 година, статистиката на заедницата на официјалната веб страница покажува повеќе од 67 милиони споделени проекти од над 64 милиони корисници и скоро 38 милиони месечни посети. Scratch го добил своето име од техниката што ја користат диск – џокеите (диџеите) наречена „гребење“ каде што се користат и манипулираат винил плочите на грамофон за да се создадат различни звучни ефекти и музика. Метафорично и Scratch им овозможува на корисниците да мешаат различни медиуми (вклучувајќи графика, звук и други програми) на креативни начини со создавање и ремиксирање на проекти, како видео игри, анимации и симулации.

Програмирање и примена во Scratch

визуелни програмски јазици

Scratch се користи во многу различни средини: училишта, музеи, библиотеки, центри во заедницата и домови. Иако неговата примарна целна група се ученици од 8 до 16 години, него го користат луѓе од сите возрасти, вклучително и воспитувачи и родители. Покрај тоа, софтверот Scratch често се дистрибуира од страна на училишните системи и образовните организации. Така Scratch е популарен во Велика Британија и САД во Клубовите за кодирање. 

Scratch се користи како воведен јазик во програмирањето бидејќи создавањето интересни програми е релативно лесно, а научените вештини можат да се применат и на други програмски јазици како што се Python и Java. Тој не е наменет исклучиво за создавање игри. Со обезбедените визуелни содржини, програмерите можат да создаваат анимации, текст, приказни, музика и многу повеќе. Веќе има многу програми што учениците можат да ги користат за да научат теми по математика, историја, па дури и фотографија. Scratch им овозможува на наставниците да креираат идејни и визуелни часови и научни лабораториски задачи со анимации кои помагаат да се визуелизираат тешки концепти. Во рамките на општествените науки, може да се создаваат квизови, игри и упатства со интерактивни елементи. 

Преку изучување на Scratch децата учат математички концепти и компјутерски идеи и концепти на мотивирачки начин и давање смисла и конкретно значење. Scratch им овозможува на младите да ја разберат логиката на програмирање, процесот на дизајн, јасна комуникација и ефективно соработување, креативно размислување. Пркеу негова примена децата стекнуваат и флуентност со дигиталната технологија односно не се само нејзини корисници туку и создаваат со неа.