You are currently viewing Запознајте ги нашите предавачи – Мартина Николоска

Запознајте ги нашите предавачи – Мартина Николоска

Мартина е дипломиран софтверски инженер, специјализирана во полето на компјутерските науки. Таа во моментов работи како инженер за обезбедување квалитет (Quality Assurance Engineer). Во нашиот едукативен центар веќе ја започна својата втора година како предавач на обуките за деца за програмирање во Python.

Уште за време на своите студии Мартина се интересирала за образовниот концепт и методиката на изучување на програмирањето во основното и средното образование. Затоа и одбрала неколку предмети кои се занимаваат со оваа тематика. Оваа иницијатива била поттикната од желбата за споделување на знаење со најмладите, со кои работата е секогаш забавна.

Мартина е девојка од новиот милениум, со голема сериозност во пристапот на сѐ што работи. Успешно градејќи ја својата ИТ кариера и пренесувајќи знаења за тековните технологии самата е пример и инспирација за учениците за помотивирано учење и навлегување во тајните на програмирањето.

Во серијалот Запознајте ги нашите предавачи, Мартина ни одговори на неколку прашања за важноста на изучувањето на дигитални вештини и нејзиното искуство како предавач. 

Едуфронт: Зошто е важно децата да учат дигитални вештини?

Мартина: Користењето на технологии е неминовен дел од денешниот секојдневен живот. Со учењето на дигитални вештини децата стануваат компетентни учесници во модерниот свет. Од друга страна со тоа што може да се постигне со технологијата и достапноста на информациите денес – тие многу брзо стануваат независни во учењето. Денешните технологии нудат изобилие на информации. Доколку децата научат како правилно да ги користат достапните информации – можат да успеат во сѐ што ќе замислат.

Едуфронт: Која е најубавата страна во работењето со деца?

Мартина: Чувството кога гледаш дека децата навлегуваат во одредена тематика и се желни да научат уште повеќе е најубавиот дел од работата со деца, знаејќи дека сум успеала да ја разбудам нивната љубопитност и сум ги поттикнала да ги искористат своите способности и вештини. Дополнително, искреноста и енергијата на децата секогаш ги прават часовите забавни.

Едуфронт: Дали се сеќаваш на твојот прв компјутер или првото искуство со работа на компјутер? Што е она што го паметиш и ти оставило впечаток?

Мартина: Се сеќавам на мојот прв компјутер и она што го мислев тогаш беше: „Колку паметна кутија, со ова никогаш нема да ми биде досадно“. Тоа го мислам и ден денес. Компјутерските науки, а воедно и технологиите, се толку напредни и во постојан брз развој, што секогаш може да се сретнеме со нешто ново кое во нас ќе разбуди љубопитност, желба и посветеност да учиме.

Едуфронт: Како или кога одлучи дека сакаш да учиш и се занимаваш со ИТ?

Мартина: Желбата за работа во ИТ светот ја добив кога го осознавав мојот прв компјутер. Никогаш не се плашев да истражувам и да пробам нешто ново, па така дознав колку можности нуди ИТ сферата, што ме привлече да ја насочам мојата кариера на тој пат.

Едуфронт: Твоја порака до учениците/сегашните млади генерации.

Мартина: Секој човек некогаш бил почетник. Никогаш не треба да се чувствувате лошо доколку нешто не знаете или згрешите – токму напротив, тоа значи дека сте на вистинскиот пат да научите. На грешките треба да се гледа како на насоки кои го покажуваат патот до успехот. Бидете упорни, истрајни и најважно – верувајте во себе!