Благојчо е дел од тимот на Едуфронт предавачи веќе трета година по ред. Последните две години тој е ангажиран со групите ученици кои ги посетуваат понапредните обуки за програмирање во Python. Едукативната работа му претставува задоволство бидејќи ужива кога го споделува своето програмерско знаење со младите генерации. На секој час успева со невообичаена смиреност и леснотија да ги објасни и најсложените концепти и да ги направи едноставни за разбирање за учениците.


Благојчо има стекнато високо образование на ФИНКИ како дипломиран софтверски инженер. Во моментов е вработен во софтверската компанија „Интелигента“. За Благојчо можеме да кажеме дека е амбициозен програмер што секогаш сака да учи нови работи и да се надоградува професионално.
А што имаше да ни каже Благојчо за своите почетоци во ИТ светот, важноста на изучувањето на дигитални вештини и искуството како предавач и едукатор ви споделуваме во продолжение, преку неговите одговори во нашето кратко интервју.
Едуфронт: Зошто е важно децата да учат дигитални вештини?
Благојчо: Запознавањето со дигиталните технологии од најрана возраст ги отвара можностите за полесно учење, брза комуникација и запознавање со различностите во светот. Ако сегашноста се заснова на дигиталната технологија, нејзиното влијание врз иднината ќе биде неколкукратно зголемено. Не само децата, туку и ние возрасните ќе мораме да продолжиме да се надоградуваме доколку сакаме да останеме во тренд.
Би потенцирал дека денешните генерации покажуваат поголем интерес и ентузијазам кон дигиталните технологии, веројатно како резултат на опкруженоста со различните уреди уште од најмала возраст.
Едуфронт: Која е најубавата страна во работењето со деца?
Благојчо: Пренесувањето на знаењето, неговото усвојување и видливото задоволство кај децата како краен резултат е едно од најубавите чувства. Секако, смеата и енергијата која ја шират децата е од непроценливо значење.



Едуфронт: Дали се сеќаваш на твојот прв компјутер или првото искуство со работа на компјутер? Што е она што го паметиш и ти оставило впечаток?
Благојчо: Мојата прва интеракција со компјутер ја имав во порано популарните Интернет кафулиња. Знам дека игрите ми беа основна занимација на компјутер, но знаев да напишам и некој текст во Word. Можностите за денешните генерации се многу поголеми, а уредите поврзани со интернет многу подостапни. Достапноста е всушност клучната работа која го приближи светот со дигиталнита технологија.
Едуфронт: Како или кога одлучи дека сакаш да учиш и се занимаваш со ИТ?
Благојчо: Во гимназија одлучив дека сакам да се занимавам со ИТ. Пред тоа разгледував и други опции, ИТ можеби и не ми беше во прв план, меѓутоа во текот на студиите се повеќе ја засакав оваа професија и од денешна гледна точка сум презадоволен од мојот избор.
Едуфронт: Твоја порака до учениците/сегашните млади генерации.
Благојчо: Како што спомнав погоре, интернет технологијата дефинитивно ќе биде дел од иднината. Сметам дека е корисно да се следат технолошките трендови, постојано да се учат нови работи и дека луѓето што се занимаваат со ИТ ќе бидат сѐ повеќе инволвирани во градење на општеството и културата во него.