You are currently viewing Петта генерација на едукативен центар Едуфронт: Прослава на успехот и нови почетоци

Петта генерација на едукативен центар Едуфронт: Прослава на успехот и нови почетоци

Учебната 2023/24 година во Едуфронт ја заокруживме со традиционален завршен настан на којшто се собраа учениците, наставниците и родителите. Овој настан беше посебно значаен бидејќи прославивме петта генерација на Едуфронт ученици. 

Нашите ученици посветено следеа настава во текот на цела учебна година и успешно завршија по две последователни онлајн обуки од избраната Digipath – Дигитална патека за учење. Затоа на завршниот настан доделивме повеќе од 100 дипломи, по една за секоја завршена обука. 

Пред доделувањето на дипломите учениците имаа можност да ги презентираат своите завршни проекти и да покажат дел од она што го научиле во текот на обуките.

Графички дизајн: Учениците од оваа дигитална патека ги презентираа своите изработени дизајни во платформата Canva, демонстрирајќи ги стекнатите вештини за креативен и професионален дизајн.

Веб дизајн: Учениците од обуките од Дигиталната патека за веб дизајн ни прикажаа високо ниво на техничко знаење и креативност преку своите веб страни во HTML, CSS, JavaScript и Bootstrap.

Програмирање во Python: Учениците кои ги завршија првите две обуки од оваа патека ни ги покажаа своите верзии на игри изработени во Pygame. Учениците од понапредните обуки за овој настан одлучија да ни презентираат примена на Python во Django преку мини веб проекти на теми од училишни предмети.

Scratch програмери: Најмалите програмери се пофалија со своите интерактивни 2Д игрички на интересни теми демонстрирајќи го нивното разбирање за основите на програмирањето и незаменлива детска креативност.

Во текот на две училишни полугодија, под менторство на Едуфронт предавачите, учениците се воведуваа во основите на програмирањето, веб дизајнот и графичкиот дизајн. После целогодишна континуирана работа и посветеност, задоволството беше големо бидејќи со успех заврши еден период на вложен труд. Доделувањето на дипломите за завршените обуки беше само заокружување на периодот. Самата церемонија беше поспецијална и позначајна за учениците, бидејќи се одвиваше во присуство на нивните родители и блиски другарчиња.

Настанот беше одлична можност за учениците да се видат со своите соученици и да ги продлабочат своите пријателства. Повторната средба со  ученици кои се наши редовни ученици веќе втора или трета година по ред беше навистина посебна, бидејќи можевме да видиме колку напредувале и колку се посветени на своето учење. Родителите го искажаа своето задоволство од организацијата и спроведувањето на наставата, како и од постигнатите резултати на нивните деца. Тие водеа разговори со предавачите за да добијат повеќе информации за програмите, обуките и можностите кои ги нуди Едуфронт.

Пред нас е нова учебна година со која започнуваме во септември. Уписите за нови наставни групи и информативните настани ќе ги најавиме во август. Ги покануваме сите заинтересирани ученици и родители да се приклучат на нашата образовна заедница и заедно да влеземе во нови дигитални авантури.

На крај, сакаме да им се заблагодариме на сите ученици, родители и предавачи за нивната поддршка и посветеност. Со нетрпение ја очекуваме новата учебна година и новите успеси кои ќе ги постигнеме заедно.