You are currently viewing Запознајте ги нашите предавачи – Марија Стојановска

Запознајте ги нашите предавачи – Марија Стојановска

Марија Стојановска работи како Product Manager во „Македонски Телеком“ и е при крај со своите студии на ФИНКИ. Своите креативност и иновативност ги изразува преку графички дизајн, веб дизајн и сѐ она што ја опкружува и има можност да внесе удел за нов и модерен свет. Работата со помош на технологиите ја подразбира како можност за олеснување во секој сегмент од денот.

Во нашиот едукативен центар Марија ни се приклучи од почетокот на оваа учебна година како предавач на обуките за HTML/CSS во склоп на Digipath – Дигиталната патека за веб дизајн.  За серијалот Запознајте ги нашите предавачи, таа ни одговори на неколку прашања и сподели свои искуства и размислувања. 

Едуфронт: Која е најубавата страна во работењето со деца? Што е она што те мотивираше да бидеш предавач на обуки за деца?

Марија: Најубавата страна во работењето со деца e можноста да ги инспирирам за да научат на кои начини можат да ја искажат својата креативност без да се плашат дека ќе погрешат.

Најголемо задоволство е кога гледам како самостојно ги изработуваат своите проекти и секогаш се подготвени за учење на нови работи, бидејќи знаеме дека децата се секогаш љубопитни.

Едуфронт: Зошто е важно децата да учат дигитални вештини уште во основно образование? 

Марија: Учењето на дигитални вештини на децата им дава предност во понатамошното образование. Уште од мала возраст ги подготвува за кариера во технолошки области и идното аплицирање за работа.

Едуфронт: Каква предност или придобивки имаат сегашните твои ученици или ќе ги имаат во иднина? 

Марија: Некои од предностите кои моите ученици ги имаат од учењето на циклусите Digipath обуки со мене, покрај разбирањето на основите на веб дизајнот, се: подобрени вештини за комуникација, развивање на критичко мислење и проблемско решавање.

Едуфронт: Дали се сеќаваш на твојот прв компјутер или првото искуство со работа на компјутер? Што е она што го паметиш и ти оставило впечаток? 

Марија: Паметам дека кога прв пат ни купија дома компјутер со сестра ми игравме игри кои беа дел од МАМЕ 32, софтверски програм во кој имаше аркадни игри. Најмногу ни се допаѓаа multiplayer игрите бидејќи имавме можност да играме заедно во исто време.

Едуфронт: Како или кога одлучи дека сакаш да градиш кариера во ИТ индустрија? 

Марија: Уште од мала возраст ме воодушевуваат боите, формите и сѐ она што нѐ опкружува и имам идеја како да го направам истото на мој начин. Воодушевена од дизајнерите како идеите ги преточуваат во иновативни решенија, ми претставуваше мотивација да не застанувам и да продолжам секојдневно да учам нови работи и да сум во тек со трендовите. Сакам да го користам програмирањето и моето дизајнерско знаење за да креирам интерактивни и уникатни проекти. 

Едуфронт: Дали сакаш да ни споделиш некој твој предизвик од образованието или кариерата, којшто си го надминала и те направил посилна? Или некое многу позитивно искуство кое имало големо влијание врз твојот живот и кариера?

Марија: Како поранешен наставник по информатика им покажав на учениците како да ја изразат својата креативна страна иако можеби не беа свесни дека ја поседуваат или дотогаш немале можност да покажат како размислуваат. Сфатија дека дури и со користење на наједноставна програма како Paint можат да се искажат на еден виртуелен уред. Со работа на таблети направија одличи честитки за 8ми март. Дополнително се мотивираа за повеќе вежбање на чекорите зашто работата секој нареден пат им изгледаше полесна и мислеа дека можат сѐ да направат.

Работата со деца ме направи горда што успеав да ги направам среќни и да продолжат да работат секојдневно. Нетрпеливо ги очекувам и успесите на моите Едуфронт ученици во скоро време. 

Можам да се пофалам со успешно изработување на постер за еден македонски филм во којшто го искористив моето знаење како графички дизајнер и познавањето на веб дизајн.

Едуфронт: Кажи ни некоја интересна случка од часовите со учениците на обуката. Или генерално: што научи ти од твоите ученици?

Марија: Од нив научив дека е убаво да се држиме сите до свој одреден стил кој го имаме и да се изразуваме на свој начин, дури и кога темата е иста за сите. Треба да оставиме наш белег за да нѐ препознаваат понатаму дека тоа е наша изработка, дали во типот на фотографии, дали во распоредот на секциите или пак во изборот на боите.

Едуфронт: Што сакаш да им порачаш на сегашните генерации ученици?

Марија: Со задоволство им препорачувам постојано да учат бидејќи технологијата од ден на ден сѐ повеќе се развива и менува. Да ги следат своите страсти и да ги претворат во кариера или животен пат бидејќи има премногу професии во кои можат да се препознаат и да си го направат работниот ден поубав. Да инвестираат време и енергија во изградба на пријателски врски со соученици, пријатели и ментори за да имаат можност да разменуваат знаења. И секако да не се плашат од грешки туку да учат од нив.