You are currently viewing Кодирање за деца – разбиваме митови и откриваме можности

Кодирање за деца – разбиваме митови и откриваме можности

Во последниве години се зголемува трендот за воведување на децата во кодирањето од рана училишна возраст. Кодирањето или компјутерското програмирање се смета за витална вештина за иднината, којашто им овозможува на децата да ја развиваат логиката, да решаваат проблеми и успешно да ја применуваат најновата технологија. 

Како и кај секој тренд, така и кај овој постојат митови и заблуди околу темата. Така, некои родители, се плашат да му дозволат на своето дете да учи кодирање поради митовите што ги слушнале. 

Тука ќе пробаме да разбиеме неколку митови поврзани со учењето на кодирање од детска возраст и да ги откриеме вистините и придобивките кои лежат позади нив.

Мит 1: Кодирањето е само за деца кои се добри математичари

Една од најчестите заблуди на родителите е дека нивните деца можат да бидат успешни во кодирање само ако имаат одлични оценки по математика или имаат висок коефициент на интелигенција.
Несомнено дека основата на кодирањето е изградена на алгоритми. Исто така компјутерските науки и математиката одат рака под рака во однос на сличните логички вештини и вештини за решавање проблеми. Сепак вашето дете не мора да биде љубител на математиката со висок коефициент на интелигенција за да научи да кодира. Уште подобро, логичките вештини можат да се научат со тек на време. Како што некој станува подобар во кодирањето, неговите логички вештини природно ќе напредуваат. 

За да биде успешно во учење кодирање сè што му треба на вашето дете е да има основни математички вештини, став и способност за решавање проблеми и желба да учи.

Мит 2: Кодирањето е премногу сложено за да го учат деца

Еден распространет мит околу кодирањето е дека е премногу комплексна и сложена вештина за учење од страна на деца на школска возраст. Ова е поврзано со погорниот мит дека бара напредни математички вештини, и дополнително длабоко разбирање на технологијата, што го прави несоодветно за младите умови. 

Тука треба да се има во предвид дека учењето на секоја нова вештина, па и на кодирањето започнува од основите и основните концепти. Учење на некој програмски јазик е исто како учење на нов јазик. Се започнува со учење на основните синтаксни и граматички правила, се проширува речникот и со што поголема примена и вежбање на јазикот се станува сè подобар и подобар.

Примената на наставни програми за кодирање за деца, дизајнирани и прилагодени на нивното ниво на развој се уште еден аргумент за побивање на овој мит. Платформите и алатките за деца се базираат на учење визуелни програмски јазици кои го прават кодирањето достапно и пријатно за децата. Во методскиот пристап и активностите се прави разложување на сложените концепти на помали, податливи чекори кои децата можат да ги усвојат без тешкотии.

Мит 3: Кодирањето е само за деца кои ќе станат идни програмери

Друга заблуда е дека кодирањето е важно само за децата кои се стремат да станат професионални програмери. Иако е точно дека кодирањето може да биде вредна вештина за оние сакаат да градат кариера во технологијата, неговите придобивки се протегаат многу подалеку од тоа. 

Учењето кодирање кај децата развива начин на размислување којшто вклучува разложување на сложени проблеми на помали делови, анализа на обрасци и создавање чекор-по-чекор решенија. Ова кај децата развива структуриран пристап кон предизвиците. Итеративната природа на кодирањето го поттикнува учењето со метод на обид и грешки и експериментирање. Ова ја развива истрајноста и издржливоста на децата и им го вкоренува ставот дека секој проблем има свое решение и дека понекогаш треба да бидеме малку поупорни во негово решавање.
Со учењето да кодираат, децата ги подобруваат своите аналитички способности и логичното расудување и развиваат креативни вештини за решавање проблеми. Сите овие вештини наоѓаат примена и се пренесуваат на предмети како: математика, природните науки како и во општествените науки.

Мит 4: Кодирањето значи поминување повеќе време пред екран

Многу родители се против учењето кодирање поради употребата на компјутер, лаптоп или друг електронски уред. Тие сметаат дека како што нивните деца ќе учат кодирање така сѐ повеќе ќе бидат „залепени“ пред екраните на уредите.

Всушност, вистината е дека кодирањето може да им помогне на децата да поминуваат помалку време пред екран и поминатото време да биде поквалитетно.

Кодирањето ги поттикнува децата повеќе да се фокусираат на едукативни активности наместо да поминуваат време во играње игри или гледање на видеа. Што е најважно, кодирањето ги обучува децата да станат дигитални креатори, да ги оживеат своите идеи и да градат: игри, анимации и интерактивни приказни. Кодирањето ги поттикнува децата да размислуваат како функционира технологијата што ја користат, да не бидат само нејзини пасивни корисници туку активно да придонесуваат во дигиталниот свет.

Исто така кодирањето се учи и преку низа на активности кои можат да се работат без компјутер, како: сложувалки, логички загатки, дијаграми за тек на една програма, истражување, организација и планирање. 

Наместо заклучок:

Понекогаш кодирањето е предизвикувачко или застрашувачко, како за децата така и за родителите. Но сѐ што е ново и непознато може да ни изгледа страшно и големо како планина којашто не можеме да ја искачиме. Затоа се качуваме чекор по чекор, соодветно опремени и под водство на искусни водачи и професионалци. 

Нашиот тим од „Едуфронт“ ви стои на располагање да поразговараме за да разбиеме уште некој мит. А кога ќе одлучите да го прифатите предизвикот вашето дете да учи кодирање побарајте нѐ за поддршка.