Технологијата е голем дел од нашите животи, но се менува многу брзо. Така учењето и едукацијата на децата на основите за користење на компјутери и компјутерско образование претставува предизвик. Дали телефоните може да ги сметаме за компјутери? Кога треба да седнеме со детето и да го научиме како да користи персонален компјутер или лаптоп?
Благодарејќи на технологијата вашето дете веројатно веќе знае или било во контакт со компјутери. Променливата природа на компјутерите значи дека првото запознавање со компјутер не се случило со лаптоп или десктоп компјутер. Ако некогаш сте му го дале на вашето мало дете вашиот телефон тоа веќе било во интеракција со компјутер.

Но постои вистинска вредност во учењето на децата како да користат компјутер со тастатура и глувче. Тие ќе знаат како да го користат компјутерот за училишни задачи и некои други активности (како посета на онлајн часови за програмирање) полесно се изведуваат на традиционални компјутери.
Кога децата за првпат треба да се запознаат со користење на компјутери?
Ова пред се зависи од самиот животен стил на една фамилија и нивниот однос кон технологијата воопшто. Некои деца уште од бебиња знаат што е компјутер или смарт телефон зашто ги гледаат нивните родители како ги користат. На други пак уште од мали им се даваат како играчка за занимација (за видеа, музика и слично). Сепак во однос на ова прашање треба да имаме во предвид неколку работи, односно дека кога за првпат на децата им даваме да користат компјутерска технологија треба:
- Тие да се доволни стари за да разбираат што е компјутер или телефон (како предмет)
- Ние како родители да бидеме присутни со нив и да го надгледуваме нивното користење
- Или да се доволно возрасни за да почнат да користат компјутер на училиште
Ова значи дека првпат може да го запознае детето со користење на компјутери на возраст од 3 до 6 години. Притоа ова да биде за користење на едукативни програми или заеднички фамилијарни игри (активности). Значи што и да се прави потребно е присуство на родителот. Во оваа возраст не смее да се остави детето само да го користи уредот или без супервизија.
Како за првпат да го воведам детето во работа со компјутер?
Најдобар начин е детето за првпат да се запознае со лаптоп или компјутер (домашен, службен, за работа) одошто со таблет или смартфон. На овој начин нема да има неограничен пристап, а ќе можете да го научите како да вклучува и исклучува компјутер, како да отвори и затвори некој софтвер и некои основни вештини. Уште подобро е што на овој начин ќе може да го научите како да работи со глувче и со тастатура и ќе може да разбере што е хардвер и софтвер. При работа на компјутер ќе може да научи како да работи со глувче и со тастатура што не е опција кај таблетот/телефонот (при користење екран на допир). На почеток децата треба да се научат за основна хигиена за работа со компјутер, како што е миење и сушење на раце пред да се користи компјутерот, да се биде нежен со тастатурата, и да ги држиме настрана храната и пијалоците. Ова полека ќе ги подготвува децата за самостојно да можат да учат на компјутер на училиште и да пишуваат домашна работа на компјутер.
Кои се основните компјутерски вештини што треба да ги научат децата?
Независно од тоа колку се интересираат за компјутери на сите деца им требаат некои компјутерски вештини за да бидат успешни во нивното користење за училиште.
Пишување на тастатура
Ова им е навистина потребно за учење на компјутер на училиште или онлајн настава. И уште подобро ако се користи вистинска тастатура зашто така се зголемува точноста за куцање. Секако е најдобро да се учи од помлади години зашто секоја вештина полесно се учи како дете.
Креирање на мејл адреса и нејзино користење. Ако има потреба може да им се креира додека се помали (за потреба на училиште) и да се научи како се логира, како се пишува порака, чита порака и слично. Ова јасно треба да се направи кога децата веќе се писмени, а не им е дозволено да имаат свои профили на социјални мрежи па мејлот ќе им служи за комуникација. Оваа нивна мејл сметка мора да биде поврзана со ваша сметка за да имате контрола и заштита од спам.
Online истражување
Како што растат децата се’ повеќе ќе го користат интернетот за пребарување на информации за училишни проекти. Тука на децата ќе им биде потребна поддршка од возрасен. Додека детето не стане доволно старо да го користи компјутерот самостојно и да пишува училишни проекти кои бараат истражување вие треба да му помогнете со првите проекти со интернет истражување и да го научите како да ги користи пребарувачите.
Истражување е повеќе од пишување на клучен збор во полето за пребарување. Како што веројатно знаете сите веб страници не се доверливи, но вашето дете сеуште учи. Осигурајте се дека детето ќе научи основни вештини за пребарување. Вашите деца треба да научат каде да најдат добри информации, кои веб страници не се доверливи и ќе треба да ги надгледувате во случај да не залутаат и завршат во сосема друг дел од интернетот. Штом еднаш детето ќе го разбере онлајн пребарувањето и ќе може да работи самостојно останете блиску додека учи за да внимавате на него и да одговорите на неговите прашања.
Кодирање и програмирање
Кодирањето е важна вештина заради неколку причини. Како прво тоа е јазик, а учењето на јазици помага за развој на мозокот.
Исто така учењето на кодирањето/ програмирањето ќе им помогне на децата да ја разберат технологијата која навлегува и брзо се шири во модерниот свет. Ќе им помогне на децата од корисници / консументи на технологијата да преминат во креатори / творци. Тоа ги учи на трпеливост, критичко размислување. А кога развиваат апликации и се грижат за искуство на корисникот ( user experience) ги учи на емпатија.
Младите креатори започнуваат преку основи на програмирање во визуелни алатки како Scratch, каде ги учат основите принципи на кодирање преку блокови. Едукацијата за младите програмери може да биде во делот на front-end скрипти како што се HTML, CSS и JavaScript, каде ги добиваат основите за кодирање на веб страни и веб апликации. Секако, следен челор би бил развојот на апликации во некој од јазиците како Python, C# други.