Последниве четири години, Едуфронт мина низ различни фази на развој. Од обуки за Scratch со физичко присуство, па сѐ до целосна дигитализација и нови дигитални патеки за програмирање, веб дизајн и дизајн.
Едуфронт започна со две програми за креативно компјутерско образование за деца преку проектот ПрограмИграм и потоа ги прошири програмите со проектот Digipath – Дигитални патеки за програмирање за деца.
При реализирање на првиот проект „Компјутерско образование за деца базирано на иновативната наставна програма на Харвард“ се реализираше обука на над 20-тина деца за „ПрограмИграм во Scratch“ во две различни возрасни групи со физичко присуство. Со појавувањето на КОВИД-19 обуките започнаа да се реализираат онлајн.
За време на втората учебна година понудата се прошири со две нови онлајн обуки за програмирање за деца „ПрограмИграм во Python“ и „ПрограмИграм во HTML/CSS/JS“. Овие програми се јавија природно како продолжување на претходните групи и барањето на родителите. Со помош на стручниот тим во целост се развија новите програми базирајќи се на принципите на креативно учење. Ова донесе нови резултати на нови 70 слушатели на онлајн обуките.
Желбата за постојан развој и овозможување на континуирано учење и навлегување во повеќе дигитални вештини и технологии доведе до идејата за креирање на програмите DIGIPATH – Дигитални патеки за учење за деца. Со овие програми се надополнуваат постоечките обуки со нови обуки за да се создадат различни дигитални патеки за учење за деца: Дигитална патека за програмирање, Дигитална патека за веб дизајн и Дигитална патека за графички дизајн. Digipath се спроведува со поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој на РСМ како поддржан проект преку Инструментот за забрзан економски раст.
Обуките од Digipath – Дигиталните патеки за учење на деца се наменети за деца од 8 до 14 годишна возраст. Секоја од патеките започнува со обуките Scratch и Scratch Adv коишто се првично наменети за деца од 8 до 10 годишна возраст. Во зависност од афинитетот секој ученик може да одбере да продолжи со специфичните обуки од соодветна дигитална патека. Исто така на овие обуки може директно да се приклучат деца од 10 до 14 годишна возраст.


Во насока на својата мисија да им овозможи на децата од рана училишна возраст да имаат пристап до обуки за стекнување на основи на разни дигитални вештини, Едуфронт создаде 13 обуки за програмирање, веб дизајн и графички дизајн за деца од 8 до 14 години. Овие обуки успешно ги слушаа и завршија над 300 деца од цела Македонија.
Следејќи ја заложбата за инклузивно образование и поголем пристап до компјутерско образование Едуфронт одржа повеќе од 40 бесплатни воведни часови, обуки и вебинари за деца, родители и наставници со повеќе од 2400 минути предавања. Во 2022 година го организира првиот бесплатен натпревар за програмирање во Scratch со 50 ученици и нивните одделенски наставници од цела Македонија. Во тек на 4 годишното постоење Едуфронт подари повеќе од 10 стипендии и полустипендии на талентирани деца и деца кои покажаа особена желба и интерес за учење на дигитални вештини.


Тимот на Едуфронт се состои од 10 високо образовани експерти, стручни обучувачи, со долгогодишно искуство во едукација и ИТ области кои постојано работат на едукација на идните генерации. Во иднина, Едуфронт со желба за постојан развој ќе продолжи да работи за подостапно креативно компјутерско образование и да користи нови технологии за развој на дигитални вештини за секое дете.

