Во светот во којшто технологијата игра сè поголема улога, многу родители се прашуваат: дали моето дете треба да знае математика за да научи програмирање? Одговорот не е едноставен, но е мошне интересен! Како основач и менаџер на едукативниот центар Едуфронт, дипломиран математичар и магистер по математичко образование, со 10 годишно искуство во настава и 6 години посветено работење на развојот на програми за деца за дигитални вештини, секојдневно сведочам како математиката и програмирањето се испреплетуваат.
Програмирањето како јазик на технологијата
Програмирањето претставува начин на комуникација со компјутерите. Преку пишување код, даваме инструкции како машините да извршат одредени задачи. Овој процес бара логика, алгоритамско размислување и способност за решавање проблеми – сите овие вештини се во суштина математички!
Како математиката се појавува во програмирањето?
Математиката се среќава во програмирањето на повеќе начини:
- Алгоритми – алгоритмите се јадрото на програмирањето. Тие претставуваат прецизни чекор-по-чекор упатства за решавање на проблеми, слично како рецепти за готвење. Секој алгоритам има јасно дефинирани правила и редослед на чекори, што е концепт директно поврзан со математичката логика и процедури. На пример, ако сакаме да го најдеме најголемиот број во дадена низа броеви, можеме да го направиме тоа во Scratch преку едноставен алгоритам. Започнуваме со претпоставка дека првиот број е најголем и потоа споредуваме со секој следен број. Ако најдеме поголем број, го заменуваме. Овој едноставен алгоритам е основа на многу посложени програмски решенија и им помага на децата да ја разберат логиката зад програмирањето.
 - Променливи и функции – во програмирањето, променливите служат за складирање на податоци, а функциите се блокови на код што извршуваат одредени задачи. Овие концепти доаѓаат директно од алгебрата, каде што променливите се користат за претставување на непознати вредности, а функциите ги поврзуваат влезните вредности со излезните резултати. На пример, во Python, една едноставна функција за пресметка на плоштина на правоаголник (def area(length, width): return length * width) е математичка формула преточена во код. Разбирањето на овие концепти им помага на децата полесно да совладаат и математички и програмски задачи.
 - Геометрија и координати – многу области на програмирањето, како што се видео игрите и анимациите, се потпираат на геометријата. Во 2D и 3D графика, сите објекти се позиционираат во координатен систем. На пример, ако програмираме игра во Scratch или Pygame, мораме да разбереме како се користат X и Y координатите за движење на ликот на екранот. Дури и во веб дизајнот, CSS користи координати за распоред на елементи на страницата. Преку вакви примери, децата учат геометрија на интерактивен начин, што им помага подобро да ја разберат примената на математиката во реалниот свет.
 - Логичко размислување – математиката и програмирањето ги развиваат истите когнитивни вештини. Логичките оператори (AND, OR, NOT), кои често се користат во програмирањето, се дел од математичката логика. На пример, во кодот за компјутерска игра, ако сакаме да провериме дали играчот освоил награда, можеме да користиме логичка изјава како if score > 1000 and level == 10. Ова е директна примена на логичките принципи кои ги учиме во математиката.
 
Дали е потребно детето да биде одлично по математика за да кодира?
Не мора! Програмирањето за почетници главно бара логика и разбирање на основни концепти, а не напредни математички знаења. Во Едуфронт, децата започнуваат со Scratch – визуелен јазик кој го поттикнува алгоритамското размислување на забавен начин. Подоцна, кога ќе преминат на Python или веб програмирање, се запознаваат со концепти кои се надоврзуваат на математиката. Важно е да се потенцира дека децата кои имаат потешкотии со традиционалната математика често откриваат дека преку кодирање можат да ги совладаат истите концепти на поразбирлив и применлив начин. Покрај тоа, кодирањето им овозможува да ја развиваат самодовербата во решавање на проблеми и да го применуваат знаењето на практичен начин.
Во нашите групи имаме ученици кои се одлични математичари и учествуваат на натпревари, а истовремено покажуваат одлични резултати во програмирањето. Од друга страна, помалите ученици кога учат Scratch или Python често се среќаваат со математички поими што дотогаш не ги учеле на училиште, па така преку нашите часови првпат ги усвојуваат овие математички концепти, што позитивно влијае на нивното разбирање на математиката.
Програмирањето може да ја зајакне љубовта кон математиката
Многу деца сметаат дека математиката е апстрактна и тешка. Но, кога преку кодирање ќе видат како математичките концепти се користат во игри, анимации и апликации, добиваат нова перспектива. Програмирањето овозможува математика во акција! Наместо суви формули, тие гледаат како броевите, координатите и алгоритмите создаваат интерактивни содржини, што ги мотивира да ја истражуваат математиката со поголем интерес. Со секој нов проект, децата стекнуваат подобро разбирање на математичките принципи и развиваат позитивен став кон учењето.
Автор: Гордана Мишевска, основач и менаџер на Едуфронт