По завршувањето со настава на сите Digipath групи за учебната 2022/2023 година и успешно претставените завршни проекти дојде време за доделување на дипломите. Како и минатата година и оваа се одлучивме да се собереме и прославиме заедно на едно место.
Завршниот настан се одржа на 17 јуни во Скопје во „Среќа бар“ во присуство на предавачите, учениците и нивни блиски гости. Возбудата и среќата беа обострани. Учениците и наставниците беа возбудени за средбата во живо и што после целогодишно учење ќе може да се подружат неформално. Родителите не можеа да ја скријат својата возбуда и гордост.
Во формалниот дел, до присутните се обрати нашата основачка и менаџерка Гордана Мишевска, потенцирајќи дека Едуфронт е асоцијација на фамилија: „Инспирацијата за негово основање беше мојата фамилија, моите деца … сите овие млади луѓе, нашите предавачи ги чувствувам како дел од фамилија заради нивниот вложен труд и љубов во креирањето на обуките и во работата со учениците … и секој наш ученик е член на нашата Едуфронт фамилија бидејќи помалку или повеќе влијаел на нашиот раст и развој и она што сме денес“. Продолживме со краток говор на секој наставник и пофалба до учениците за редовноста на часовите и исполнување на задачите и целите на обуките. Доделени беа дипломите за завршените обуки во второто полугодие и секој ученик доби Едуфронт подарок. Ова беше наградено со аплауз од сите присутни гости. Следуваше дел на дружење меѓу учениците, разменување на искуства и стекнување нови пријателства. Родителите имаа можност да поразговараат со наставниците и се консултираа за понатамошните обуки и следниот чекор од патот за дигитално надоградување и усовршување на своите деца.
Преку повеќе фотографии пробавме да ги овековечиме емоциите, успесите и достигнувањата и да направиме трајни спомени. Погледнете ја галеријата во продолжение за да ја почувствувате атмосферата на настанот.
Со завршување на учебната 2022/23 година, пристигнавме до вкупна бројка од над 300 слушатели на нашите онлајн обуки. Веќе ги запишуваме и новите ученици за следна учебна година со почеток во септември. Во тек ни е ран упис и истиот ќе трае до 20 јули. Побрзајте и одберете ја омилената дигитална патека за: програмирање во Scratch, програмирање во Python, веб дизајн или дизајн. Или продолжете да ја следите вашата дигитална патека. Пријавете се со пополнување на формата и станете дел од нашата Едуфронт фамилија.