You are currently viewing Запознајте ги нашите предавачи – Дина Дамјановиќ

Запознајте ги нашите предавачи – Дина Дамјановиќ

Дина Дамјановиќ е дипломиран уметнички дизајнер. Во моментов работи како менаџер на ИТ компанијата „Ригилог“ во Скопје. Таа е еден од основачите на организацијата „Ways2Help“ и е активен член на WomenInTech Macedonia. Во нашиот едукативен центар ни се приклучи пред 2 години како предавач на обуките за HTML и CSS во склоп на Digipath – Дигиталната патека за веб дизајн.

Дина е креативна личност со најразлични интереси: дигитални технологии, хуманост, уметност, диџејство. Нејзината енормна енергија е клучен фактор да биде постојано успешно ангажирана во секоја активност. Подучувањето и работата со деца ѝ доаѓа некако природно заради мајчинскиот инстинкт. Секој од своите ученици го гледа како поголема верзија на нејзината Малина. Во исто време кон нив се поставува и однесува како да се мали професионалци кои треба на часовите да „куцаат“ кодови и практично да учат да креираат веб страни. Работата и кариерата во ИТ индустријата и љубовта кон децата ја поттикнаа да се приклучи во нашиот тим и преку обуките да ги воведува младите генерации во денешниот дигитален свет и успешна дигитална иднина.  

Во серијалот Запознајте ги нашите предавачи, Дина ни одговори на неколку прашања и сподели свои искуства и размислувања. Во продолжение следува нашето кратко интервју со Дина.

Едуфронт: Зашто е важно децата да учат дигитални вештини? 

Дина: Дигиталните вештини се критични за успехот на децата во современото општество и можат да ги подобрат перформансите во училиштето, да им помогнат во иднина да бидат конкурентни на пазарот на трудот, да им ги подобрат комуникациските вештини и да ги заштитат од онлајн закани. Од тука, важно е да се вклучи учење на дигитални вештини во образовниот систем.

Едуфронт: Која е најубавата страна во работењето со деца? 

Дина: Работењето со деца е задоволство и предизвик, а една од најубавите страни е да ги забележите успесите и напредокот на децата како и нивното креативно размислување.

Едуфронт: Дали се сеќаваш на твојот прв компјутер или првото искуство со работа на компјутер? Што е она што го паметиш и ти оставило впечаток? 

Дина: Без сомнение, тоа беше најголемото задоволство и возбуда за мене. Се сеќавам како бев воодушевена од пишувањето на дневник секој ден, цртањето во Paint и креирањето на презентации во Power Point. И, се разбира, не можам да ја заборавам мојата прва сериозна игра Quake.

Едуфронт: Како или кога одлучи дека сакаш да учиш и се занимаваш со ИТ? 

Дина: Пред три години, мојата кариера претрпе голема промена откако добив можност да учествувам на бесплатен курс за веб дизајн од глобалната организација Women in Tech. Иако веќе учев од туторијали на YouTube, овој курс беше од голема корист за мене, што ми даде дополнителна мотивација да продолжам сериозно да учам на приватна академија и конечно да ja започнам мојата кариера во ИТ индустријата.

Едуфронт: Твоја порака до учениците/сегашните млади генерации. 

Дина: Младите генерации веќе се потопени со технологијата и им препорачувам да го следат текот на современата технологија. Почнувајќи од мала возраст, да бидат запознати со различните аспекти на технологијата за да можат лесно да се прилагодат на секој нов напредок во истата.