Мартина Бошковска е дипломиран софтверски инженер и работи во ИТ компанијата „Интелигента“. Мартина е една од нашите предавачи на Digipath – Дигиталната патека за програмирање со Python. Таа веќе трета година по ред своето програмерско знаење и искуство го користи за да ги воведе младите генерации во основите на програмирањето со Python. Мартина исто така има искуство како демонстратор на лабароториски вежби по програмирање на ФИНКИ и повеќегодишно учество во организации и образовни проекти за унапредување на формалното и неформалното образование кај младите.
За неа можеме да кажеме дека е вистински рол модел за млада девојка која успешно гради кариера во ИТ. Нејзината организираност и деталност во работата секогаш води до успешност и очекувани резултати. Неуморната вклученост во иницијативи за млади и работата со деца е дел од нејзината визија да се овозможи инклузивност и достапност до дигитално образование за сите деца и млади.

Во серијалот кратки интервјуа Запознајте ги нашите предавачи, Mартина ни одговори на неколку прашања во однос на нејзиното професионално искуство, работата со деца и како гледа на важноста на дигиталните вештини.
Едуфронт: Зашто е важно децата да учат дигитални вештини?
Мартина: Водени од својата љубопитност, на децата им е природно забавно да пловат и истражуваат низ дигиталниот свет. Од друга страна, дигиталните вештини стануваат неопходни за работа и функционирање во чекор со сегашноста и иднината на општествата во кои живееме. Доколку децата ги збогатуваат своите дигитални вештини, ќе ја задоволат својата љубопитност, но и низ забавен начин ќе учат да ги користат максимално придобивките на современото живеење. Покрај тоа, имајќи ја на ум големата креативност и бура од идеи кои децата секојдневно ги изразуваат, нивното запознавање со начинот на користење и намената на различни дигитални алатки може да ги развие нивните вештини за решавање на посложени проблеми на креативни и иновативни начини. А од особена важност е и дека доколку децата навремено научат каква е значајноста и правилната употреба на дигиталните алатки, ќе умеат да ги употребуваат алатките на исклучително безбеден и корисен начин.
Едуфронт: Која е најубавата страна во работењето со деца?
Мартина: За мене, најинтересно е кога искрено ги искажуваат своите мисли и кога поставуваат толку интересни прашања на кои не сум сигурна дека секогаш го имам вистинскиот одговор. Исто така, обожавам да слушам од нив за трендовите на нивните генерации, особено за нивните омилени видео-игри, популарни артисти, начини на кои го искористуваат слободното време како и нивните замисли за иднината. Особено ми е драго кога некое дете ќе сподели дека она што го работиме на часовите му е забавно и возбудливо.


Едуфронт: Дали се сеќаваш на твојот прв компјутер или првото искуство со работа на компјутер? Што е она што го паметиш и ти оставило впечаток?
Мартина: За прв пат се запознав со компјутер кога моите постари братучеди кои живеат во соседството си купија сопствен компјутер, а јас бев многу мала, не помнам дали бев започнала да одам на училиште. Тој компјутер не беше поврзан со интернет и претежно беше користен за компјутерски игри. Јас често сакав да одам и да играм некоја игра или да гледам како тие играат. Ја обожував играта Bubble Bobble и можев да ја играм со часови! (мислам дека се уште го можам истото). Интересно за играта беше дека можеа да ја играат двајца играчи истовремено, па постојано им додевав на братучедите да игра некој со мене.
Едуфронт: Како или кога одлучи дека сакаш да учиш и се занимаваш со ИТ? Мартина: Информатиката за прв пат го привлече моето внимание во средношколските денови бидејќи ме соочуваше со проблеми кои можам да ги решам со примена на логичко размислување и, доста често, познавања од математика, која многу ја сакав. Кога завршив средно образование, не бев целосно уверена што би сакала да биде мојата професија, па разговарав и со своите соученици за нивните избори и со моите наставниците кои секогаш мудро ме советуваа. Се одлучив за компјутерски науки знаејќи дека доколку вложам труд и љубов во информатиката, таа има огромен потенцијал во иднина да ми дозволи да работам на многу интересни и корисни проекти во кои ќе бидат вметнати и сите останати науки кои ги сакам. Тоа за мене е најголемата убавина на информатиката, таа постои за да биде практична за животот на луѓето, да ги комбинира знаењата од различните науки и да креира нешта кои што се корисни за сите.
Едуфронт: Твоја порака до учениците/сегашните млади генерации.
Мартина: Мојата порака до младите е секогаш да се потрудат да одвојат дел од своето слободно време за нешто што навистина го сакаат или нешто за кое се љубопитни да научат повеќе. Тоа може да биде книга, филм, спорт, прошетка, обука за дигитални вештини или било што друго. Исто така, постојано да се трудат да учат нови работи и да не се плашат да споделат храбри идеи кои потекнуваат од нивната имагинација.