You are currently viewing Запознајте ги нашите предавачи – Теодора Трајковска

Запознајте ги нашите предавачи – Теодора Трајковска

Теодора Трајковска е графички дизајнер во агенцијата за дигитален маркетинг „Нова Солутионс“ од Битола. Истовремено, Теодора е предавач на обуките од Digipath – Дигиталната патека за графички дизајн за деца. Таа веќе трета година по ред своето теориско и практично знаење во областа на графички дизајн го споделува со младите ученици.

Покрај огромната страст и работното искуство како графички дизајнер, Теодора поседува и академско знаење за работа со деца, како дипломиран наставник по англиски јазик. Во наставата нејзина задача е на интересен и незаборавен начин да им ги пренесе на учениците основните правила на дизајнот и да им всади навики на добар графички дизајнер. Нејзините часови изобилуваат со корисни совети и практична работа на проекти, со користење на платформите Canva и Photopea. Како што ни кажува, секој час за неа е уживање и едвај го чека наредниот за да ги види насмеаните лица на учениците и нивното задоволство од сопствените креации.

Теодора во слободно време се занимава со фотографирање. Нејзиното животно мото е „Верувај дека можеш и веќе пола си успеал :)“

Во продолжение се одговорите на Теодора на нашите прашања од серијалот Запознајте ги нашите предавачи

Едуфронт: Зашто е важно децата да учат дигитални вештини?

Теодора: Учењето на дигитални вештини им дава и им нуди постојани придобивки на сите, а посебно на децата затоа што со нивно запознавање тие ќе знаат на што точно да се фокусираат понатаму во животот.

Едуфронт: Која е најубавата страна во работењето со деца?

Теодора: Нема поубаво чувство од тоа да го споделуваш знаењето со деца кои постојано сакаат да учат.

Едуфронт: Дали се сеќаваш на твојот прв компјутер или првото искуство со работа на компјутер? Што е она што го паметиш и ти оставило впечаток?

Теодора: Секако дека се сеќавам на мојот прв компјутер, толку многу го посакував и уште од самиот почеток ме привлекуваа сите работи кои беа поврзани со графичкиот дизајн.

Едуфронт: Како или кога одлучи дека сакаш да учиш и се занимаваш со ИТ?

Теодора: Кога бев втора година во средно училиште, бев воодушевена од сите графички дизајни што беа околу мене, како на пример логото на кока кола, разни покани и постери, и си поставив цел дека јас ова сакам и морам да научам како функционира.

Едуфронт: Твоја порака до учениците/сегашните млади генерации.

Теодора: Младите веќе го водат светот напред со нивната заинтересираност кон технологијата и само така да продолжат, сѐ е во нивни раце.

Cestitka5 1