Интервју со Мартина Бошковска – предавачка по Python
Во серијата „Инспирации зад екраните“ ви ги претставуваме луѓето кои стојат зад дигиталните часови на Едуфронт – ентузијастите кои со посветеност, трпеливост и љубопитност ги воведуваат децата во светот на програмирањето.
Овојпат разговараме со Мартина Бошковска, која е член на тимот на Едуфронт уште од самите почетоци на нашите Python обуки. Веќе пет учебни години таа предава програмирање на деца од 10 до 14 години и е еден од креаторите на програмите и материјалите што ги користиме на овие обуки.
Покрај својата улога како предавачка, Мартина работи како софтверски инженер во Intertec, Скопје. Таа е љубопитна, темелна и посветена на едукацијата – не само што пренесува знаење, туку постојано бара начини како истото да го направи поразбирливо, поврзано со интересите на децата и инспиративно.
Во ова интервју зборуваме за мотивацијата зад екранот, интерактивноста на часовите, и зошто нејзините ученици често го надминуваат основното и создаваат нешто свое – со страст и креативност.
Како би се опишала себеси во три збора?
– Љубопитна, комуникативна и организирана.
Како би ја опишала твојата професија и што најмногу те привлекува во неа?
– Како софтверски инженер, мојата работа често е како да решавам загатки. Сакам да решавам проблеми, да пронаоѓам решенија кои ја прават работата поефикасна и полесна. Кога ќе се појави некој технички предизвик, тоа е како да имам нова мистерија за решавање!
Кое хоби или интерес ти помага да се релаксираш и да се наполниш со енергија надвор од работата?
– Она што сакам да го правам надвор од работа е читањето книги или истражувањето на информации поврзани со наука – тоа ми дава нови идеи и инспирација. Покрај тоа, уживам да поминувам време во природа, околу цвеќиња и зеленило. Овие активности ми помагаат да се исклучам од екранот и да ја обновам креативноста.


Кој е највредниот совет што некогаш си го добила и кој ти помогнал во животот или кариерата?
– Една реченица која ја имам прочитано во времето кога започнував на факултет за којашто се вели дека потекнува од Алберт Ајнштајн: “Не сте го усвоиле наученото навистина, доколку не можете да го објасните некому на едноставен начин”. Овој совет ме наведе да размислувам дека учењето не е само примање на информации, туку и нивно споделување. Имајќи ја оваа реченица на ум постојано барам поедноставни начини да го претставам материјалот.

Кој дел од материјалот што го предаваш мислиш дека најмногу ги возбудува децата и зошто?
– Игри со кодирање. Децата најмногу се возбудуваат кога гледаат дека можат да создадат нешто сами, било да е тоа мала игра или нешто интерактивно. Овој момент кога нивните идеи оживуваат преку код е непроценлив, бидејќи ги мотивира да истражуваат и да се забавуваат додека учат.
Како ги приспособуваш твоите предавања за различните нивоа на знаење кај децата? Како се справуваш со различната брзина на учење на учениците?
– Ги приспособувам часовите со комбинација на индивидуален пристап и тимска работа. На почетокот, внимателно ја следам динамиката на групата и се трудам секое дете да добие потребно внимание и на сите ученици да им биде забавно на часот. Оние што учат побрзо ги охрабрувам да се предизвикаат себеси низ проектите и домашните работи и да сработат и нешто надвор од бараното, а за оние на кои им треба повеќе време, се обидувам да давам дополнителни објаснувања и неколку пати да го повториме новиот матријал.
Дали имаш некои посебни техники или пристапи што ги користиш за да ги мотивираш децата да останат заинтересирани за материјалот?
– Тимот во Едуфронт се труди да ги поврзе задачите и презентациите со интересите на генерациите ученици. Постојано ги мотивирам да експериментираат со кодот за да видат каков резултат ќе добијат, дека не е страшно да се погреши и дека така добиеното знаење можеби е и најтрајно. За време на часовите се обидувам да создадам интерактивна атмосфера каде што учењето е како игра и разговор.
Како успеваш да одржиш интерактивност и ангажираност на онлајн часовите преку Zoom? Кои алатки или методи ти помагаат за ова?
– Онлајн часовите ги правам интерактивни со кратки прашања, квизови и live-кодирање. Во текот на часовите поставувам кратки прашања кои учениците се јавуваат да ги одговорат. Секој час има по неколку кратки задачи кои учениците треба самостојно да ги изработат со свои креативни идеи и податоци и потоа да ги прикажат преку споделување на својот екран. Исто така, доколку на часот има пообемен материјал и забележам дека учениците губат концентрација, знаеме и да направиме кратка пауза каде што си зборуваме на некоја друга тема, надвор од програмирање.


Што е она што го сметаш за најголем успех како предавач во текот на твојот ангажман во едукативниот центар?
– Многу ме радува кога учениците запомниле и разбрале нешто што е учено многу одамна. Во текот на часовите често се навраќаме на работи кои се учени на некоја од претходните обуки или можеби на почетокот од учебната година, бидејќи како учиме понапредни теми, така потребно е да ги примениме веќе изучените работи. Како наставник ме прави најсреќна кога ќе увидам дека и покрај само еден час предавања неделно, учениците сепак го запомниле материјалот.



Дали сметаш дека дигиталните вештини што ги учат децата денес ќе им помогнат да се соочат со предизвиците на иднината? Како?
– Мое мислење е дека првично дигиталните вештини што ги учат денес ќе им помогнат во иднината бидејќи дигиталните технологии се сеприсутни во секојдневниот живот. Дополнително, способноста за логичко размислување и решавање проблеми ќе биде корисна во секоја професија, без разлика дали учениците ќе станат програмери или нешто друго.
Кое е најголемото задоволство што го добиваш од работата со млади ученици, и како тоа те инспирира на професионален и личен план?
– Најголемото задоволство ми е да видам како децата се радуваат кога ќе успеат да решат некој проблем и кога ќе се потрудат да го персонализираат решението на задачите. Ме радува и кога со страст зборуваат за некој свој интерес/хоби кој го вметнале во проектот од обуката или во некоја од домашните задачи.