You are currently viewing Едуфронт предавачи: Инспирации зад екраните – Благојчо Иванов

Едуфронт предавачи: Инспирации зад екраните – Благојчо Иванов

Тој е од оние предавачи што со тивка сигурност градат доверба, пренесуваат знаење и создаваат пријатна, мотивирачка атмосфера на секој час.
Благојчо Иванов веќе пет години е дел од тимот на Едуфронт, како предавач по Python за деца од 10 до 14 години, особено во групите за понапредни нивоа.

Во својата секојдневна работа, Благојчо е Software Engineer во Inteligenta, со искуство во Java, .NET Core и интерес за data modeling. Љубопитен по природа, трпелив и посветен кон едукацијата, тој има природен начин на комуникација со децата – умее да им го доближи програмирањето до нивните интереси и да остави простор тие самите да истражуваат, прашуваат и создаваат.

Во ова интервју споделува што го инспирира во професијата, како ги мотивира учениците, и зошто верува дека секоја мала победа на час води кон поголем успех – не само во учењето, туку и во животот.

Како би се опишал себеси во три збора?

Одговорен, посветен, упорен.

Како би ја опишал твојата професија и што најмногу те привлекува во неа?

Постојаното учење нови работи и динамичноста на професијата е нешто што најмногу ме привлекува. Ми се допаѓа што програмирањето често е тимска работа – соработка, размена на идеи и градење на решенија кои имаат реална вредност.

Кое хоби или интерес ти помага да се релаксираш и да се наполниш со енергија надвор од работата?

Во слободно време практикувам спорт, најмногу теретана. Често знам да играм игри на PlayStation, гледам телевизија или едноставно да излезам со пријатели.

Кој е највредниот совет што некогаш си го добил и кој ти помогнал во животот или кариерата?

Да се биде трпелив, истраен и секогаш да се поставуваат нови цели. Само така може да се следи напредок за секоја работа во животот. Дури и кога работите не одат според планот, токму истрајноста и јасната цел помагаат да се остане фокусиран. Секоја мала победа води кон поголем успех – важно е само да не се откажеш и да продолжиш да се движиш напред.

Кој дел од материјалот што го предаваш мислиш дека најмногу ги возбудува децата и зошто?

Игрите, без размислување. Од искуство од претходните години забележав дека децата најмногу се задоволни кога ќе направат нешто со што веќе имале контакт претходно. Првата нивна интеракција со компјутерите е преку игрите, па кога изработуваат игри се најзаинтересирани, даваат идеи за подобрување, додаваат различни функционалности и сл. Мислам дека повеќето од нив, додека трае обуката, веќе размислуваат за тоа како да го употребат знаењето за да направат нешто свое.

Како ги приспособуваш твоите предавања за различните нивоа на знаење кај децата? Како се справуваш со различната брзина на учење на учениците?

Кога ги спремавме обуките го земавме во предвид фактот дека учениците се со различна возраст, различно предзнаење и различна мотивација. Групите се мали, обуките интересни, па навистина не е проблем да се задржи вниманието на децата. Ретките случаи во кои некој заостанува со материјалот ги решаваме со дополнително објаснување/повторување на материјалот, решавање на дополнителни задачи и сл.

Дали имаш некои посебни техники или пристапи што ги користиш за да ги мотивираш децата да останат заинтересирани за материјалот?

Секогаш ги оставам да си го искажат своето мислење дури и кога грешат. Сметам дека комуникацијата на час е најбитна за да се задржи фокусот, но и да се разберат проблемите со кои се соочуваат. Се обидувам да ги охрабрам да размислуваат за потенцијално решение и им давам насока за решавање на проблемот. Макар потмогнат, целта на крај е ученикот да го даде точниот одговор, се со цел да се почувствува задоволен.

Како успеваш да одржиш интерактивност и ангажираност на онлајн часовите преку Zoom? Кои алатки или методи ти помагаат за ова?

Секогаш се обидувам сите да бидат подеднакво вклучени во часот. Пробувам секој ученик во текот на часот по неколку пати да добие збор. Честопати ги охрабрувам да прашуваат за нејасни работи и да не се плашат дека ќе згрешат. Честопати знам да нацртам некој процес во Paint, се со цел полесно разбирање на истиот и задржување на вниманието во текот на целиот час.

Што е она што го сметаш за најголем успех како предавач во текот на твојот ангажман во едукативниот центар?

Дефинитивно најголема сатисфакција ми е пријателскиот однос којшто го градам со децата. Потоа следува знаењето коешто го презентираат учениците секој нареден час и резултатите од квизовите кои што ги решаваат двапати во годината.

Дали сметаш дека дигиталните вештини што ги учат децата денес ќе им помогнат да се соочат со предизвиците на иднината? Како?

Да, дефинитивно. Оние кои ќе продолжат со програмирање, дигиталните вештини што ги стекнуваат ќе им овозможат да имаат добра основа за учење на понапредни концепти понатаму и логичко поврзување на работите. Оние кои што ќе изберат нешто друго исто така голема е веројатноста дека ќе треба да работат нешто поврзано со компјутер или интернет. Поврзувањето на децата со дигиталните уреди уште од мали, сигурно ќе им помогне за полесно справување со било какви предизвици кои ги носи „дигиталната“ иднина.

Кое е најголемото задоволство што го добиваш од работата со млади ученици, и како тоа те инспирира на професионален и личен план?

Пренесувањето на знаењето за мене претставува најголем успех. Особено ми претставува задоволство кога знам дека нешто за кое некогаш сум изгубил многу време да го научам, ќе го пренесам на поразбирлив начин и учениците побрзо ќе го сфатат. Работењето со деца ме прави да бидам потрпелив, а тоа ми помага да не избрзувам со одлуки на работа и во секојдневието.