Борис Николовски предавач по програмирање разговара со ученик на настан на Едуфронт

Едуфронт предавачи: Инспирации зад екраните – Борис Николовски

Затоа што програмите се важни. Но уште поважно е кој стои зад нив.

Светот во кој растат нашите деца денес се менува брзо, а дигиталните вештини стануваат основа за нивната иднина. Родителите сè почесто се прашуваат дали прават доволно за да ги подготват своите деца за свет во кој технологијата, програмирањето и логичкото размислување се сè поважни. Наместо панично „фаќање чекор“ со секоја нова промена, на децата им е потребна структура – јасна насока, постепено учење и средина во која можат да истражуваат без притисок. Но структурата не е само добро осмислена програма за програмирање за деца или онлајн обука по веб дизајн и C++. Структурата се и луѓето што стојат зад таа програма – предавачите кои преку кодот ги учат децата да размислуваат систематски, логички и самоуверено.

Професионален профил и искуство во ИТ индустријата

Во ова издание од серијата „Едуфронт предавачи: Инспирации зад екраните“, разговараме со Борис Николовски – предавач кој во изминатите години одржува обуки за веб дизајн со HTML/CSS/JavaScript, програмирање со Python и новите модули за програмирање со C++. Неговата работа во Едуфронт е насочена кон развивање на логичко размислување, решавање проблеми и градење сигурност кај децата преку интерактивни онлајн часови.

Како би се опишал во три збора?

Дисциплиниран, проактивен, трпелив.

Како ја опишуваш твојата професија и што те привлекува во ИТ?

Професија којашто не дозволува да заостанеш и никогаш не може да ти е досадно. Неограничен простор за „игра“, размислување и надоградување е она што нуди ИТ светот.

Како изгледа наставата по програмирање за деца во Едуфронт

Кој дел од материјалот најмногу ги возбудува децата?

Сметам дека визуелниот резултат од нивната работа е она што им е најинтересно. Апстрактните програми со малку „подосадни“ алгоритми за пресметки на броеви се потешки за сфаќање на примената во реалниот свет. Преку игрите и интеракциите може да се научат многу работи, притоа држејќи им го вниманието на децата.

Како ги приспособуваш предавањата за различни нивоа?

Секогаш гледам сите во групата да имаат основно ниво на постигнување, што значи дека секогаш посветувам повеќе време и внимание на оние на кои поспоро им оди материјалот. За тие што се многу брзи во работата и задачите им давам можност да ни ги презентираат решенијата или им давам дополнителни предизвици. Ниту едно дете никогаш нема да биде запоставено.

Кои техники ги користиш за мотивација?

Интеракцијата е мојата главна техника за мотивација, објаснување на истата работа на повеќе начини и гледни точки како и задачи со што поинтересни теми и содржини. Исто така често давам совети надвор од материјалот поврзани со ИТ светот, интересни факти како и споделување на некои новости од технологии. А често и ги знам актуелните игри што ги играат па често можеме и за тоа да разговараме за да не бидат монотони часовите.

Како одржуваш интерактивност на онлајн часови преку Zoom?

Често поставување на прашања и споделувања на екран. До сега сум немал поголеми проблеми со неследење на материјалот од ниту едно дете.

Дигитални вештини и начин на размислување

Дали дигиталните вештини ќе им помогнат на децата во иднина?

Често споменувам и објаснувам дека јазиците и синтаксите може да се сменат, па затоа и ги учам секогаш поопшто да гледаат на работите. Напоменувам кои работи и размислувања се критични независно од јазикот и повеќе се фокусирам на начинот на размислување. Верувам дека развивањето на тој дел од мозокот ќе им помогне пологички и инженерски да гледаат на проблемите понатака во животот. Проблем -> размислување за проблемот -> активност (сега тоа се алгоритми) -> решение.

Личен баланс и инспирација надвор од кодот

Кои хобија ти помагаат да се релаксираш?

Листата на хобиња е голема, а често се проширува и менува. Нешто што ми останува секогаш се играње на компјутер, поминување време во природа и читање книги. Одморањето и седењето во место повеќе ме изморува од работата.

Кој е највредниот совет што си го добил?

За да можеш да победуваш, прво мора да научиш да губиш.

Најголемото задоволство како предавач

Што го сметаш за најголем успех во Едуфронт?

Нема ништо поубаво, а воедно и потажно од последните часови каде што ги гледаш нивните крајни проекти каде што е собрано целото нивно знаење од цела година.

Што ти носи работата со деца на личен план?

Работата со децата ја сфаќам сериозно, внимавам секогаш што ќе кажам и давам се’ од себе да ги насочам да размислуваат во правилна насока. Јас сум имал среќа да имам добри учители и луѓе во мојот живот и сум благодарен на она што го знам и умеам денес, па се надевам дека и јас ќе бидам во мала мера тој човек барем за некое дете. Времето е многу помало од она секојдневното со наставниците во училиште, но гледам да е максимално искористено. Личното задоволство може да го разбере само некој што работел со деца и ја почувствувал таа убавина. На крајот на денот и јас ќе научам по нешто од нив.


Што значи ова во пракса

Програмирањето за деца не е само учење Python или C++. Тоа е учење како да се размислува систематски и како да се пристапи кон проблем со трпеливост. Јазиците ќе се менуваат, но начинот на размислување останува.

Ако сакате да видите како изгледа овој процес во пракса, можете да ги разгледате дигиталните патеки или да ни пишете за разговор.

Погледни ги дигиталните патеки
Контактирај нè