You are currently viewing Едуфронт предавачи: Инспирации зад екраните – Моника Златановска

Едуфронт предавачи: Инспирации зад екраните – Моника Златановска

Интервју со Моника Златановска – предавачка по Scratch програмирање

Со емпатија, цртачки блок и Scratch проекти што оживуваат идеи – Моника Златановска е лице кое ги отвора вратите кон програмирањето кај најмладите ученици. Од првиот Zoom час, таа знае како да внесе логика, игра и креативност во учењето. Во ова интервју ја запознаваме одблиску – преку нејзиниот пристап, навики, мотивации и примери што остануваат со децата многу подолго од обуката.

Како би се опишала себеси во три збора?

Ентузијастична, креативна, емпатична.

Кое хоби или интерес ти помага да се релаксираш и да се наполниш со енергија?

Цртање – на лист или платно, со музика или серија во позадина. Тоа ми е начин да се опуштам и целосно да се исклучам од обврските.

Како би ја опишала твојата професија и што најмногу те привлекува во неа?

Работата со деца никогаш не е монотона – секој час е нова приказна. Најмотивирачко е чувството кога во живо го гледаш нивниот напредок: од логика до конкретни идеи и решенија.

Кој дел од материјалот што го предаваш мислиш дека најмногу ги возбудува децата и зошто?

Најмногу ги возбудуваат Scratch мини-игрите. Кога ќе научат да комбинираат блокови и да оживуваат ликови, веднаш почнуваат да го приспособуваат проектот според сопствената имагинација. Тоа им дава чувство на слобода и оригиналност.

Како ги приспособуваш твоите предавања за различните нивоа на знаење кај децата? Како се справуваш со различната брзина на учење?

Kомбинирам:

  • индивидуални задачи
  • визуелни објаснувања
  • групирање според ниво
  • дополнителни предизвици за побрзите ученици
     Така секој работи во свое темпо, без да чувствува притисок.

Дали имаш посебни техники за мотивација?

Да.

  • Постојано давам пофалби за трудот и напредокот.
  • Испраќаме кратки извештаи до родителите – на средина и крај од обуката.
  • Користиме мини-проекти и креативни задачи кои ги прават децата мотивирани и активни.

Како успеваш да одржиш интерактивност на онлајн часовите преку Zoom? Кои алатки или методи ти помагаат за ова?

Scratch и Zoom – со јасен пристап „чекор по чекор“:

  1. Јас го споделувам примерот.
  2. Учениците го повторуваат и додаваат свој печат.
    Користиме визуелни материјали и слобода за додавање слики, ликови, позадини. Ова одржува интеракција и ја поттикнува креативноста.

Што е она што го сметаш за најголем успех како предавач во Едуфронт?

Како екипа – добивме Butterfly Innovation Award за STEM иновации.
Како предавач – успех ми е кога детето ќе ја претвори својата идеја во реален Scratch проект и си замине со самодоверба и желба за нови знаења.

Дали дигиталните вештини што ги учат децата денес ќе им помогнат да се соочат со предизвиците на иднината? Како?

Апсолутно. Технологијата веќе е дел од секојдневието. Рано изложување на алатки и логика ги прави децата поспремни за напредни предизвици – и технички, и ментално.

Имаш ли личен пример што го потврдува тоа?

Да. Ученик што прво беше во Scratch обука, подоцна ми беше ученик по информатика во средно. Беше очигледно покомпетентен – не само технички, туку и во логичко размислување, увереност и брзина на учење.

Кој е највредниот совет што некогаш си го добил/а и кој ти помогнал во животот или кариерата?

„Секогаш гледај на ситуацијата од повеќе агли.“ Тоа ме учи на трпеливост и емпатија што е особено важно при работа со деца кои учат на различен начин и со различно темпо.

Кое е најголемото задоволство од работата со млади ученици и како тоа те инспирира?

Сè. Нивната искреност, енергија, моментите кога ќе „кликне“ некое ново знаење – тоа ме исполнува и ме инспирира секој ден. Тие ме потсетуваат дека секое дете има талент – само треба да му помогнеш да го пронајде.