Борис Николовски е дипломиран инженер по информатички науки и компјутерско инженерство, со неколку годишно работно искуство во ИТ компанијата „Интелигента“. Во нашиот едукативен центар ни се придружи во улогата на предавач на обуките за JavaScript во склоп на Digipath – Дигиталната патека за веб дизајн.
Во серијалот Запознајте ги нашите предавачи, со Борис разговаравме за неговата мотивација да работи со деца, неговите почетоци во светот на технологијата, искуства од работењето и размислувања за важноста на образованието за дигитални вештини.
Едуфронт: Која е најубавата страна во работењето со деца? Што е она што те мотивираше да бидеш предавач на обуки за деца?
Борис: Најубавата страна во работењето со деца е нивната чиста љубопитност и енергија. Секогаш се подготвени да учат и истражуваат, што го прави секој час полн со нови идеи и прашања. Она што ме мотивираше да бидам предавач е желбата да го пренесам своето знаење и страст за технологијата на младите генерации, односно да им помогнам да ги изградат своите дигитални вештини и да се подготват за иднината.
Едуфронт: Дали се сеќаваш на твојот прв компјутер или првото искуство со работа на компјутер? Што е она што го паметиш и ти оставило впечаток?
Борис: Секако, тоа беше еден стар компјутер со Windows XP на него и CRT монитор. Прво нешто што инсталирав беше играта 102 далматинци, а после тоа уште ред други.
Едуфронт: Кажи ни некоја интересна случка од часовите со учениците на обуката. Или генерално: што научи ти од твоите ученици?
Борис: Мојата љубов кон игрите не заврши со 102 далматинци, па така повеќето од учениците беа изненадени кога им кажав дека имам завршено серијал од 13 игри од истата. На еден од учениците дури и му објаснив како да помине едно многу сложено ниво на една од тие игри.








Едуфронт: Како или кога одлучи дека сакаш да градиш кариера во ИТ индустрија?
Борис: Одлуката да градам кариера во ИТ индустријата ја донесов во средношколските денови кога започнав да учам програмирање. Сфатив дека ова е поле каде што можам постојано да учам нови работи и да се предизвикувам себеси. Страста за технологијата и желбата да креирам нешто корисно и иновативно беа клучните фактори за мојата одлука.
Едуфронт: Дали сакаш да ни споделиш некој твој предизвик од образованието или кариерата, којшто си го надминал и те направил посилен?
Борис: Еден од најголемите предизвици кои ги имав беше кога работев на проект кој требаше да се заврши во многу краток рок. Тимот беше составен од луѓе со различни нивоа на искуство, што значеше дека требаше да најдеме начин да работиме ефикасно заедно и да се усогласиме со сите барања на клиентот. Преку многу напорна работа, комуникација и заеднички напори, успеавме да го завршиме проектот на време и со одлични резултати. Ова искуство ме научи на важноста на тимската работа и упорноста, и ме направи поуверен во моите способности да се справувам со сложени задачи.
Едуфронт: Според тебе, зошто е важно децата да учат дигитални вештини уште во основно образование?
Борис: Дигиталните вештини се клучни во денешниот свет. Учењето на овие вештини уште од рана возраст им овозможува на децата да развијат критичко размислување, креативност и способност за решавање на проблеми. Тоа им дава предност во секојдневниот живот и ги подготвува за различни кариери во иднината, кои се сѐ позависни од технологијата.
Едуфронт: Што сакаш да им порачаш на сегашните генерации ученици?
Борис: Сакам да им порачам да бидат упорни, да не се плашат од предизвици и да веруваат во себе. Секој неуспех е само уште една лекција и можност за раст. И најважно од сѐ, уживајте во процесот на учење и откривање нови работи.