You are currently viewing Едуфронт предавачи: Инспирации зад екраните – Мартина Николоска

Едуфронт предавачи: Инспирации зад екраните – Мартина Николоска

Во новата серија интервјуа „Едуфронт предавачи: Инспирации зад екраните“ ги запознаваме луѓето кои стојат зад мониторот и секојдневно ја пренесуваат својата пасија за технологија и знаење на децата. Нашиот прв разговор е со Мартина Николоска – дипломиран софтверски инженер и предавачка по Python во Едуфронт. Веќе три учебни години таа ги инспирира учениците низ интерактивни часови полни со логика, креативност и дигитална магија.

Како би се опишала себеси во три збора?

– Позитивна, истрајна, емпатична.

Кое хоби или интерес ти помага да се релаксираш и да се наполниш со енергија надвор од работата?

Обожавам да патувам! Кога патувам, не само што го разгледувам светот, туку и се поврзувам со нови култури, луѓе и искуства кои ми даваат нова перспектива на животот и работата.

Кој е највредниот совет што некогаш си го добила и кој ти помогнал во животот или кариерата?

Сѐ додека правиш чекори, без разлика колку мали, ти напредуваш. Животот не е секогаш рамна линија, но важно е да останеме упорни. Треба да го задржиме фокусот на патот пред себе, да веруваме во своите способности и да се потсетиме дека секој предизвик со кој се среќаваме е само дел од нашето патување. Чекор по чекор, ќе стигнеме таму каде што треба да бидеме.

Како би ја опишала твојата професија и што најмногу те привлекува во неа?

Динамична е зборот кој најдобро ја опишува мојата професија и тоа е баш причината зошто ова поле ме привлече. Фактот дека секојдневно се среќаваме со нови и интересни предизвици е она што ме држи мотивирана и работната атмосфера ја прави совршено место за учење и развивање.

Што е она што го сметаш за најголем успех како предавач во текот на твојот ангажман во едукативниот центар?

За најголем успех го сметам моментот кога ќе слушнам дека децата сакаат да продолжат да програмираат и после завршената обука. Програмирањето е комплексна материја, затоа сум најсреќна кога гледам дека сум успеала да ги мотивирам учениците да продолжат понатаму во светот на програмирањето!

Кој дел од материјалот што го предаваш мислиш дека најмногу ги возбудува децата и зошто?

На почеток на учебната година, секогаш правиме краток преглед на тоа што ќе изучиме во обуките. Она што секогаш ги возбудува децата и ја подига атмосферата е делот со креирање на игри, затоа што игрите претставуваат забавен аспект на нивниот живот, а со програмирањето на игрите – децата можат да создадат светови, ликови и приказни по нивна желба, што им дава чувство на исполнетост и ја буди нивната креативност.

Како ги приспособуваш твоите предавања за различните нивоа на знаење кај децата? Како се справуваш со различната брзина на учење на учениците?

Секогаш се трудам предавањата да се разбирливи за сите – се почнува од објаснување на најосновните принципи и елементи во програмирањето, затоа што основите мора да бидат цврст темел врз кој ќе се гради знаењето на учениците. За оние кои сакаат поголеми предизвици или подинамично темпо – програмирањето е одлично затоа што секогаш може да се постави краток предизвик кој бара повеќе логика и размислување. Со мали измени на некои задачи коишто ги решаваме на часовите, може многу лесно да се креираат логички загатки за оние кои сакаат да се обидат да решат нешто плус!

Дали имаш некои посебни техники или пристапи што ги користиш за да ги мотивираш децата да останат заинтересирани за материјалот?

Една техника која ја користам за да ги мотивирам учениците е давањето на примери како би можело да се искористи она што го работиме – во реалниот живот. Кога се доловува како програмирањето може да ни користи и да ни го олесни животот – децата ја согледуваат поголемата слика за ИТ сферата која им дава подобра преспектива кон она што се учи. Исто така, доколку со некој пример добијат одговор на нешто за што биле заинтересирани како всушност нештото работи во позадина – стануваат уште пољубопитни!

Како успеваш да одржиш интерактивност и ангажираност на онлајн часовите преку Zoom? Кои алатки или методи ти помагаат за ова?

Преферирам на часовите да се работи тимски, односно сѐ што се решава – решаваме заедно со учениците. Редовно ги проверуваме кодовите кај секој ученик – дали програмата работи како што е предвидено и дали се појавуваат грешки. Грешките се најдобрата прилика за учење во програмирањето, па затоа секогаш ги охрабрувам учениците заедно да го најдеме начинот како да ја поправиме грешката – со што се развива и нивната логика. Исто така, често користиме виртуелна табла на која визуелно ги претставуваме поимите кои ги учиме.

Дали сметаш дека дигиталните вештини што ги учат децата денес ќе им помогнат да се соочат со предизвиците на иднината? Како?

Логиката која се развива со програмирањето е дефинитивно најголемата придобивка која се јавува кај децата. Дополнително, со обуките доаѓа и еден цел пакет на дигитални вештини кои децата несвесно го совладуваат. Дел од нив се работа со платформи за онлајн конференции како Zoom, работа со емаил и презентации кои ги користиме за испраќање на домашни задачи и материјали, како и работа со проекти кои ги менаџираат на својот компјутер – креирање на проектите, нивно лоцирање и организација на самиот уред. Денес, сите овие вештини се неизбежен дел од секојдневието на сите луѓе, а учениците ги совладуваат од рана возраст – па им стануваат дел од навиките и ќе можат без проблем да се снаоѓаат во дигиталниот свет.

Кое е најголемото задоволство што го добиваш од работата со млади ученици, и како тоа те инспирира на професионален и личен план?

Искреноста и позитивноста на учениците е она што ми го разубавува секој ден! Секој нивен успех го чувствувам и како личен успех, што ме мотивира да се надоградувам и да се усовршувам – за себе и за моите ученици.